Шест членки на ЕУ и НАТО бараат отворање на преговорите со БиХ

Шест земји членки на НАТО и на ЕУ во средата на иницијатива на Хрватска повикаа да се отворат пристапните преговори со Босна и Херцеговина за членство во Унијата до крајот на годинава.

Министрите за надворешни работи на Хрватска, Чешка, Грција, Италија, Словачка и Словенија се сретнаа во средата на маргините на министерскиот состанок на НАТО во Постојаното претставништво на Хрватска за да ја изразат својата цврста поддршка за Босна и Херцеговина на нејзиниот европски пат.

Истите шест земји и Австрија, која не е членка на НАТО, пред нешто повеќе од еден месец испратија заедничко писмо до високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, во кое побараа и отворање на пристапните преговори со Босна и Херцеговина.

„Ја нагласуваме политичката неопходност да се обезбеди отворање на пристапните преговори со Босна и Херцеговина до крајот на оваа година“, се вели во заедничката изјава по средбата на шесте министри.

Хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман изјави дека средбата била одржана со цел да се привлече дополнително внимание и да се нагласи стратешката важност за отворање на пристапните преговори со БиХ заради стабилноста и безбедноста на европскиот континент.

„Во сегашниот геополитички контекст, секое одложување на почетокот на пристапните преговори може дополнително да ја зголеми нестабилноста во регионот и да резултира со губење на позитивниот моментум“, се додава во соопштението за јавноста.

Исто така, се нагласува дека проширувањето „не е избор меѓу земјите кандидати, туку заеднички стратешки интерес што ќе ја донесе потребната стабилност и безбедност на европскиот континент“.

Министерот Грлиќ Радман изјави дека секоја друга одлука на шефовите на држави или влади на земјите членки на ЕУ на самитот на 14 и 15 декември би била лоша за стабилноста и безбедноста и дека никој нема да профитира од тоа.

„Напротив, корист би имале антиевропските и антизападните политичари, а се надевам дека ги има малку“, рече Грлиќ Радман.

Додаде дека ги поздравува напорите на Советот на министри на БиХ, претседавачот Борјана Кришто и министерот за надворешни работи Елведин Конаковиќ, кои работат на забрзување на реформите и донесување што е можно повеќе закони, кои исто така се услов за отворање на преговорите.

Европската комисија на 8 ноември објави извештај за напредокот на земјите кандидати. Босна и Херцеговина доби условна препорака, односно Комисијата препорача отворање на пристапните преговори кога ќе постигне доволен степен на усогласеност со бараните критериуми. За конечната одлука потребна е едногласна поддршка од сите шефови на држави или влади на земјите-членки.