OН: Газа ја чека уште „попеколно сценарио“ ако не се дозволи повеќе помош за енклавата

Газа се соочува со уште „попеколно сценарио“ доколку не се дозволи повеќе помош да влезе во енклавата, изјави хуманитарната координаторка на ОН за палестинска територија, Лин Хејстингс.

Таа рече дека сегашната сума на помош е недоволна и дека не постојат услови потребни за доставување помош во Газа, пренесува Си-Ен-Ен.

Хејстингс додаде дека е можно наскоро да се развие „уште попеколно сценарио“, на кое хуманитарните операции можеби нема да можат да одговорат. Користењето на само еден премин Рафа, на границата со Египет, за истоварување камиони со хуманитарна помош не функционира, и покрај напорите на агенциите на ОН, на египетската и палестинската Црвена полумесечина и други партнери, соопштија ОН.

Нагласено е дека здравствениот систем на Газа е „на колена“ поради недостиг на вода за пиење, санитарни услови, храна и засолништа за привремено раселените лица. Ситуацијата се сведува на „пример од учебник за епидемија и катастрофа во јавното здравје“, рече Хестингс.

Таа додаде дека „хуманитарните операции не можат да се одвиваат поради недоволното количество гориво кое стигнува до Газа“.

Хејстингс рече дека ОН и невладините организации сами не можат да обезбедат помош за жителите на Газа и дека на приватниот и јавниот сектор мора да им се дозволи да доставуваат залихи до палестинската енклава. ОН соопштија дека се подготвени да соработуваат со сите страни за да го „прошират бројот на безбедни засолништа под управа на ОН и да обезбедат помош таму каде што е потребна“, наведува Си-Ен-Ен.