Оставка поднесе британскиот министер за имиграција

Британскиот министер за имиграција Роберт Џенрик поднесе оставка во средата по објавувањето на нацрт-законот за враќање на имигрантите во Руанда, порди „длабокото несогласување со политичката насока на владата“ во поглед на имиграцијата за која смета дека не оди доволно далеку.

Неговата оставка ќе го зајакне притисокот врз премиерот Риши Сунак, кого десното крило на владејачаката Конзервативна партија го повикува да биде уште поцврст во борбата против илегалните имиграции.

„Со големо жалење му пишав на премиерот за да му поднесам оставка на местото министер за имиграции. Не можам да останам на својата должност кога длабоко не се согласувам со политичкиот курс на владата во поглед на имиграциите“, напиша Роберт Џенрик на социјалнате мрежа Х.

Неговата оставка е поврзана со предлог-законот за враќање на мигрантите кои очекуваат решавање на нивното барање за азил во Руанда, кој во четврток би требало да биде претставен во парламентот, а за кој тој смета дека не оди доволно далеку.

„Влоговите за земјата се превисоки за да не би можеле да бараме посилна заштита за ставање крај на вртелешката правни предизвици коишто ризикуваат да ја парализираат шемата и да ја негираат нејзината намера за одвраќање“, додава Џенрик во објавата.

Ланскиот декември Високиот суд во Лондон оцени дека е законит исклучително контроверзниот законски предлог за прогон на барателите на азил во африканската земја Руанда додека не биде решено нивното барање, со што на британската конзервативна влада ѝ донесе победа во периодот на рекордно високата бројка на обидите за нелегални преминувања во Велика Британија преку Ла Манш. На судското рочиште тогаш правните застапници на владата тврдеа дека договорот со Руанда ќе им обезбеди на мигрантите коишто ќе бидат протерани постапка нивната кандидатура за азил да биде обработена на „сигурен и ефикасен“ начин.

Во април 2022 година владата на тогашниот премиер Борис Џонсон склучи договор за кој постоеја сомневања со властите на Руанда за прогон во оваа африканска земја на мигрантите кои илегално влегле во Велика Британија, наместо како досега нивното барање за азил на што имаат право да го чекаат во некој од центрите за згрижување во земјата домаќин. Владата на Џонсон го претставуваше овој потег како инструмент кој треба да ги обесхрабри мигрантите во обидите илегално да влезат во Велика Британија со чамци преку Ла Манш од француското крајбрежје.

Досега не беше остварено ниедно преместување на мигрантите во Руанда, бидејќи првиот лет со мигранти беше затворен по одлуката на Европскиот суд за човекови права, но владата на сегашниот британски премиер Риши Сунак продолжува со мигрантските политики на неговите претходници.

Високиот комесаријат за бегалци при Обединетите нации (UNHCR) уште лани интервенираше истакнувајќи дека земјата на прием на кандидатот за азил мора да има „минимум сигурен и праведен систем“ за азил, а што Руанда го нема и затоа таквата политика би виделе кон „тешки ризици и кршење“ на Конвенцијата на ОН за правата на бегалците.

Британските конзервативци ја ставија борбата со илегалната имиграција во самиот центар на нивната кампања за излегувањето од Европската унија, но подоцна велеа дека бројот на мигрантите кои се обидуваат да го минат Каналот е најголем досега. Така, официјален Лондон тврди дека од почетокот на 2022 година 45.000 мигранти дошле на британска почва, наспроти 28.526 претходната 2021 година.