На денешната седница на општина Центар на која точка на дневен ред се и советнички прашања, советникот од ВМРО-ДПМНЕ Сашо Трпески го праша градоначалникот зошто најскапата улица во Македонија – Боемската улица, наместо како што беше ветено во предизборната програма не е направена на ветената локација од Идадија до Раде Кончар, туку на сосема друга локација.
-Зошто локацијата ветена во изборната програма не е искористена за Боемска улица, туку друга локација, која е помала по површина, а за истата е потрошена целата предвидена финансиска сума, значи за само 200 метри, запраша Трпески.
Градоначалникот Жерновски истакна дека сегашната локација на која веќе постои Боемска улица била попогодна за тој проект.
-Боемската улица не можеше да биде лоцирана на тој потег бидејќи беше преголем од планираното. Со програмата која настапивме на изборите беше кај Идадија, но таму е многу посериозно решавањето на тој потег, бидејќи зависи од сообраќајно решение. Тоа е причината зошто не можеше досега да се реализира тој дел и кога тој ќе се реши и оваа улица ќе може да биде од затворен тип, рече Жерновски.
Советникот Трпески, кој не беше задоволен од одговорот на градоначалникот, посочи дека на Боемската улица која е предвидена само за пешаци, пред некој ден била претворена во “боемски паркинг“.