Трамп планира радикално да ја преобликува надворешната политика на САД

Потенцијалниот втор мандат на Доналд Трамп во Белата куќа може да доведе до тоа Вашингтон да престане да ја финансира Украина, да се повлече од НАТО и дополнително да ги прекине економските врски со Кина, објави Reuters во понеделникот, цитирајќи анонимни извори.

За време на неговото претседателствување 2017/2021 година, многу од политиките на Трамп завршија опструирани од неизбрани владини функционери, а понекогаш дури и од негови сопствени соработници, според бројни инсајдерски извори. Тој се обидува да го заобиколи тој проблем со назначување „лојалисти“ поподложни на неговите „изолационистички политики и каприци“, тврди агенцијата.

Во написот на Reuters се признава дека самиот Трамп понудил „неколку индиции“ за неговите намери. Анализата е заснована на интервјуа со речиси 20 сегашни и поранешни помошници и дипломати, од кои повеќето не се именувани.

Според осум европски дипломати, постојат „акутни стравувања“ дека втората администрација на Трамп ќе ја прекине помошта за Украина и се сомневаат дали тој ќе ја почитува американската посветеност да ги „одбрани сојузниците во НАТО“.

„Постојат гласини дека тој сака да ги извлече САД од НАТО или да се повлече од Европа, се разбира дека звучи загрижувачки, но… не сме во паника“, рекол дипломат од една балтичка земја.

Друг дипломат, кој претставува северноевропска земја-членка на НАТО, ги истакнува опциите што неговата и некои други амбасади ги испратиле во нивните престолнини за изборите во ноември 2024 година. Ако актуелниот претседател, демократот Џо Бајден, биде реизбран, „Работите може да одат прилично добро: САД продолжуваат да се рехабилитираат“, рекол.

„Благата“ верзија на второто претседателство на Трамп би била „повторување на неговиот прв мандат со некои агресивни призвуци“. Ако тој навистина ги исполни ветувањата за растурање на апаратот на „длабоката држава“, тоа би била „опција за Судниот ден“, според дипломатот.

Трамп во моментов е фаворит за републиканската претседателска номинација. Ако го победи Бајден, тој „веројатно би поставил лојалисти на клучните позиции во Пентагон, Стејт департментот и CIA“, изјавиле анонимните соработници за Reuterrs. Тоа ќе му овозможи „да ги унапредува своите надворешнополитички приоритети побрзо и поефикасно отколку што можеше кога претходно беше на функцијата“.

Трамп навести дека може да ги исчисти пониските ешалони на федералната бирократија, во многу наврати опишувајќи го „Вашингтонското мочуриште“ како пречка за вистински реформи.

„Претседателот Трамп сфати дека персоналот е политика. На почетокот на неговата администрација, имаше многу луѓе кои беа заинтересирани за спроведување на сопствените политики, а не за политиките на претседателот“, изјави за Reuters Роберт О’Брајан, четвртиот советник за национална безбедност на Трамп.

Четири лица кои „разговараат“ со 45-тиот претседател рекоа дека тој редовно добива совети од поранешниот директор на националното разузнавање Џон Ретклиф, амбасадорот Ричард Гренел и неговиот некогашен заменик, Каш Пател. Ниту еден од нив не одговори на барањата за интервју на Reuters. Ниту Трамп, ниту неговата кампања не ја коментираа сторијата.