Повторно одложен почетокот на судењето на Додик

Почетокот на судењето на лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, пред Судот на Босна и Херцеговина во Сараево во средата повторно беше одложен поради процедурални причини, откако одбраната побара изземање на сите членови на обвинителскиот тим, за кои тврди дека се пристрасни.

Државниот суд претходно ги отфрли барањата на одбраната на Додик да го препушти судењето на локалниот суд во Бања Лука, но одбраната продолжува да инсистира на тоа дека Додик не може да добие правично судење во Сараево.

Судијата Мирсад Штрика одлучи да го одложи почетокот на главната расправа до донесување одлука за приговорите на адвокатите, што се очекува до 10 јануари.

Додик престојот во судницата го искористи за повторно да провоцира со тоа што одби да стане кога требаше да зборува, па судијата Штрика не му го ни дозволи тоа, велејќи дека никој не е над законот.

Додик повторно беше пречекан пред седиштето на судот во Сараево од бројни негови приврзаници, меѓу кои мнозинство беа партиски соработници и членови на различни провладини партии. Тие ги пополнија и речиси сите места наменети за публиката заинтересирана за судски постапки.

По излегувањето од судницата, Додик пред новинарите одржа обраќање во кое зборуваше на различни теми, велејќи дека се работи за политички процес што се води против него, а на судењето дошол, како што вели, само за да го докаже тоа. Рече и дека за него е неразбирливо што му се суди во суд чиј претседател беше уапсен во понеделникот под сомнение за незаконско прислушување.

„Ваков суд не може да се почитува“, рече Додик, додавајќи дека очекува неговото судење да се претвори во судење на Босна и Херцеговина.

Меѓу другото, тој најави дека нема да дозволи наметнување на измени на изборниот закон, кои во вторникот ги најави високиот претставник Кристијан Шмит. Ако тоа се случи, се закани Додик, Република Српска ќе донесе сопствен закон за избори и ќе ги спроведе на своја територија.

Ја искористи приликата повторно остро да го критикува Шмит, за кој тврди дека не е легално избран на таа функција бидејќи не беше за тоа разговарано во Советот за безбедност на ОН каде Русија и Кина сметаат дека веќе нема потреба од именување на овој инситут, а го нападна и американскиот амбасадор Мајкл Марфи, кого го нарече лажго.

„Го чувствувам притисокот на оваа смрдеа од американскиот амбасадор“, изјави Додик.

Тој рече дека Република Српска е подготвена да се одвои од Босна и Херцеговина и има подготвено сѐ што е потребно за тоа.

Членот на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, која исто така дојде да го поддржи Додик, ја повтори тезата дека судењето е политички мотивирано и дека тие што го иницирале „ја закопуваат БиХ“.

Додик и директорот на Службен весник на РС, Милош Лукиќ, беа обвинети дека дозволиле објавување на два закона донесени од парламентот на Република Српска, а кои високиот претставник Кристијан Шмит ги поништи.

Тоа се законите со кои властите во Република Српска сакаа да го спречат спроведувањето на пресудите на Уставниот суд на БиХ, како и на сите одлуки на високиот претставник Шмит. Имено, неспроведувањето или непочитувањето на одлуките на високиот претставник стана кривично дело од 1-ви јули годинава со измените во Кривичниот законик на Босна и Херцеговина наметнати од Шмит.

Доколку бидат прогласени за виновни, Додик и Лукиќ се соочуваат со затворски казни од шест месеци до пет години. Осудителната пресуда би значела и автоматско отстранување на Додик од претседателската функција на Република Српска и на Лукиќ од директорската позиција, како и забрана да извршуваат државни должности.