
Берзанските индекси пораснаа на Волстрит во вторникот, продолжувајќи го нивниот нагорен тренд во деветта седмица со ред, при што индексот S&P 500 се приближува до рекордно високото ниво.
Индексот Dow Jones зајакна 0,43 отсто, на 37.545 поени, додека S&P 500 порасна за 0,42 отсто, на 4.774 поени, а индексот Nasdaq 0,54 отсто, на 15.074 поени.
По осумте последователни седмици, Dow Jones достигна рекордно високо ниво, додека S&P 500 се искачи за помалку од 1 процент од рекордното високо ниво.
Обемот на тргување вчера беше слаб, бидејќи многу инвеститори се отсутни поради божикните празници, а вакво тргување се очекува и во наредните денови. Европските берзи вчера беа затворени поради божикните празници.
Добивката на индексите влезе во својата деветта седмица, бидејќи сите најнови податоци покажаа дека растот на американската економија забавува, а инфлацијата постепено се намалува. Благодарение на тоа, американската централна банка Federаl Reserve (Fed) најверојатно го заврши циклусот на зголемување на каматните стапки, па следната година ќе следи намалување на каматите.
И додека челниците на Fed проценуваат дека следната година трипати ќе ги намалат каматните стапки, најверојатно за 0,25 процентни поени, на пазарот се шпекулира дека следната година каматните стапки може да се намалат шест пати, почнувајќи од март.
Пазарите на пари проценуваат дека има повеќе од 70 отсто шанси Fed да започне со намалување на каматните стапки во март. Сепак, ова се само проценки, а натамошните реални економски показатели ќе зависат од тоа што ќе направи централната банка.