Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, изјави дека има пријатели во светот кои ќе спречат меѓународна воена интервенција во случај Република Српска да прогласи отцепување од Босна и Херцеговина.
Во интервју за јавниот сервис на ентитетот Телевизија РС (РТРС), Додик се закани дека отцепувањето или прогласувањето на независна Република Српска ќе следи во истиот момент кога високиот претставник за БиХ, Кристијан Шмит, евентуално ќе наметне закон со кој ќе се реши статусот и правото на располагање со државен имот.
Додик веќе неколку години наназад предупредува дека таквата интенција за ставање на ресурсите не Република Српска на управување под федералните власти на БиХ е спротивно од Дејтонскиот мировен договор и оти води кон укинување на ентитетот. Тој изјави дека поседува информации дека таква одлука би можела да биде донесена во јануари, а најави дека во тој случај парламентот на Република Српска веднаш ќе се состане и ќе прогласи отцепување.
Појасни дека тоа значи „независност (од Босна и Херцеговина) во сè“, при што Република Српкса нема да спречува преминувањето низ нејзината територија односно воспоставување „тврда“ граница кон Федерацијата Босна и Херцеговина, но тоа ќе го направи доколку е неопходно.
„Не очекуваме дека некој од Федерацијата Босна и Херцеговина ќе биде охрабрен да ја нападне Република Српска. И во такви околности, ќе процениме како ќе постапиме. Очекувам ЕУФОР да застане на линијата меѓу ентитетите и да спречи контакт”, рече Додик.
Оцени дека во ваквото сценарио „Американците ќе збеснат и ќе се обидат да побараат интервенција“, но смета дека пријателите на Република Српска тоа нема да го дозволат.
Додик не појасни на кои пријатели мисли, но познато е дека тој во моментов освен во Белград има пријатели и во Москва и во Будимпешта, бидејќи има добри односи со рускиот претседател Владимир Путин и со унгарскиот премиер Виктор Орбан, а по некои прашања ја има поддршката и од хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.
Унгарија од јануари следната година ќе ја преземе од Австрија командата на воените сили на Европската унија во БиХ (ЕУФОР), чија задача е да спречат можни вооружени конфликти, но и да гарантираат слобода на движење низ БиХ, бидејќи тоа е обврска што произлегува од Дејтонскиот договор.
Самиот висок претставник Кристијан Шмит, чиј мандат го оспоруваат и во Бања Лука но и Русија и Кина, со тврдења дека тој не е легално избран за висок претставник бидејќи назначувањето на Управниот комитет на Советот за спроведување на мирот (ССМ) не е официјално потврдено од Советот за безбедност на ОН, досега не ја спомна можноста за наметнување закони за државен имот и повеќепати потенцираше дека тоа е обврска и одговорност на властите во БиХ.
Шмит во моментов планира само да наметне технички измени во изборниот закон на Босна и Херцеговина во случај парламентот на Феерацијата да не донесе одлуки во текот на јануари кои ќе го обезбедат интегритетот на изборниот процес. Меѓутоа, иницијативата на Сараево да се преземаат ингеренциите вклучително и сите ресурси заедно и со природните на ентитетите е постара идеја, којашто ја поддржуваат засега и амбасадите на некои западни земји.