Во петокот Иран погубил четири лица, вклучително и една жена, судени за изведување саботажи и поврзани со израелската разузнавачка служба Мосад, објави новинската агенција Mizan.
Со тоа бројот на погубени овој месец се искачи на пет кои беа осудени на најтешката казна во повеќедецениската војна во сенка во која Иран го обвинува Израел дека ги саботира неговите нуклеарни напори. Израел никогаш не ги потврди или негираше овие обвинувања, но често порачува дека има и средства и капацитети да изведува такви удари за да ја спречи Исламската Република да дојде до нуклеарно оружје..
„Четири члена на диверзантскиот тим поврзан со ционистичкиот режим (Израел) беа егзекутирани утринава по законски процедури“, објави новинската агенција, обвинувајќи ги за „обемни“ операции предводени од офицер на Мосад, чија цел била иранската безбедност.
Егзекуциите во петокот во провинцијата Западен Азербејџан следеа по егзекуцијата на петтиот обвинет агент на Мосад во средината на декември во југоисточната иранска провинција Систан-Балучестан.
Полуофицијалната новинска агенција Tasnim ги идентификуваше четворицата погубени во петокот како Вафа Ханарех, Арам Омари и Рахман Пархазо, заедно со една жена по име Насим Намази. Тие беа главните осуденици во случајот со кој беа опфатени десет криминалци, се додава во извештајот, но не е јасно дали и другите ќе бидат погубени.
Официјалната новинска агенција IRNA објави речиси осум минутен видео клип на кој се гледа како мажите ја признаваат нивната наводна соработка со офицер на Мосад во соседна Турција.