Професор во германската престолнина Берлин во четвртокот е казнет со 3.000 евра поради „поттикнување омраза“ споредувајќи ја вакцината против коронавирусот со холокаустот.
Овој 62-годишник, кој предавал во стручно училиште, го банализирал ликвидирањето на шест милиони Евреи во концентрационите логори на нацистичка Германија во Втората светска војна, одлучил окружниот суд во четвртокот.
Во 2021 година, обвинетиот објавил видео на интернет платформа на кое се прикажани портите на нацистички концентрационен логор, а наместо озлогласениот слоган „Arbeit macht frei“ (Работата ве ослободува) на влезот во таквите нацистички логори, тој ставил натпис „Impfen macht frei“ (Вакцинацијата ве ослободува), што инаку беше раширена парола на противиците на затворањето и на задолжителното вакцинирање во времето на пандемијата.
Според обвинението, во друго видео тој ги споредил мерките на германската влада за борба против коронавирусот со холокаустот.
„Поистоветувањето на историската неправда со мерките против коронавирусот е банализирање, секое друго толкување е пресилно“, рекла судијката, повикувајќи се на претходна одлука на Уставниот суд во Берлин во сличен случај.
Судијката рекла и дека очекува обвинетиот да поднесе жалба на пресудата.
Градските власти во Берлин го отпуштиле професорот во август 2021 година, поради што тој започнал постапка пред судот за труд. Нему му била доделена отпремнина од 72.000 евра, но судот за работни односи одлучи дека не е разумно да се очекува Берлин да му дозволи да се врати на своето работно место.