Остар пад на приходите од продажбата на вакцини против ковид-19 очекуват во „Moderna“

Американската фармацевтска компанија „Moderna“ прелиминарно ги процени приходите од продажбата на вакцината против ковид-19 во 2023 година на 6,7 милијарди долари и најави остар пад и во новата година.

Во 2022 година компанијата заработи 19,3 милијарди долари, а главен извор на приход беше вакцината против ковид-19, која донела 18,4 милијарди долари.

Во меѓувреме, побарувачката остро падна и „Moderna“ лани забележа тримесечни загуби. При објавувањето на деловните резултати од вториот квартал, компанијата соопшти дека ажурирањата на вакцините и намалената побарувачка ги принудиле да ја отпишат залихата, што ги чинела 464 милиони долари.

Во ноември проценија дека приходот од продажбата на вакцини во 2023 година ќе биде во опсегот од шест до осум милијарди долари.

Најновата проценка од 6,7 милијарди американски долари вклучува одложен приход од 700 милиони долари од продажбата во рамките на глобалната алијанса за снабдување со вакцини GAVI.

Во прелиминарната проценка објавена во вторникот, „Moderna“ забележува дека го зголемила својот удел на американскиот пазар за вакцини против ковид-19 во есенската сезона 2023 година на 48 отсто, од 37 отсто во истиот период во претходната 2022 година.

Годинава тие очекуваат приход од четири милијарди долари од продажбата на вакцини против ковид-19 и респираторниот синцицијален вирус (РСВ), истакнувајќи дека треба повторно да прават позитивен бизнис во 2026 година.