Илјадници демонстранти во Полска против реформите во медиумите и апсењето на поранешните министри

Илјадници приврзаници на опозицијата се собраа во четвртокот пред полскиот парламент на протест против реформата на државните медиуми што ја спроведува новата влада и против апсењето на двајца поранешни министри обвинети за злоупотреба на позицијата.

Демонстрациите ги одразуваат растечките тензии во земјата додека новата таканаречена проевропска коалициска влада предводена од поранешниот прениер и поранешен претседател на Европскиот совет, Доналд Туск, се обидува да ги укине политиките на претходната влада на конзервативната националистичка партија Право и Правда (PiS).

Претседателот Анджеј Дуда, сојузник на PiS, во четвртокот рече дека го започнал процесот за помилување на двајца поранешни министри, односно министер за внатрешни работи и неговиот заменик, кои беа уапсени претходно оваа седмица под обвинение за злоупотреба на власта, што дополнително ги заострува односите со новата влада.

„Мораме да ја добиеме оваа голема битка за суверена, независна Полска“, рече челникот на PiS, Јарослав Качински, пред масата приврзаници.

Пред зградата на парламентот се вееја бројни црвено-бели полски знамиња, а меѓу нив и транспаренти со натписи „Туск = петта колона“ или „Ги преживеавме Русите, ќе го преживееме Туск“. Некои го извикуваа името на претседаетлот Дуда и порачуваа „Ќе победиме!“.

Државната новинска агенција PAP ја цитираше градската управа на Варшава дека проценува дека се собрале околу 35.000 демонстранти, додека портпаролот на PiS, пак, рече дека има речиси 200.000 луѓе.

Демонстрантите ги слушаа говорите на пратениците на PiS пред да го започнат својот марш кон зградата на државната телевизија. Новата влада го смени раководството на државните медиуми со образложение дека сака да ја врати рамнотежата во медиумите, кои станале според неа платформи за пропаганда на PiS во текот на нејзинто осумгодишно владеење.

Телевизискиот канал TVP Info, кој се одликува со континуирани напади на Доналд Туск откако се врати во полската политика, беше исклучен и вратен во етерот во значително изменета форма.

„Бидејќи луѓето можат да го прекинат телевизискиот сигнал, секој има право да избере што сака. Покрај тоа, луѓе се уапсени. Преплашена сум од тоа што се случува, затоа и дојдов овде“, изјави за Reuters 60-годишната Ела.