Израелската војска во понеделникот вечерта соопшти дека постои сериозна загриженост за судбината на заложниците чијашто смрт беше објавена во видеото на Хамас во неделата, какои и дека, спротивно на тврдењата на исламистичката група, еден од нив не бил убиен во израелско бомбардирање.
Портпаролот на израелската војска, контраадмиралот Даниел Хагари, го потврди идентитетот на заложникот Итаи Свирски како еден од луѓето во најновото видео на Хамас, но не го сподели името или другите поединости за другиот заложник на барање на семејството. Весникот The Jerusalem Post пишува дека станува збор за заложникот Јоси Шараби.
„Итаи не беше убиен од нашите сили. Тоа е лага на Хамас. Зградата во која беа чувани заложниците не беше цел и не беше нападната од нашите сили. Ние не напаѓаме места каде што може да има заложници“, “, тврдеше Хагари, потврдувајќи дека околните области биле цел на наапди на израелската војска.
Агенцијата Reuters пишува дека не била во можност да потврди што се случило со трите лица, кои беа меѓу околу 240-те кои беа земени како заложници од милитантите на палестинските групации во ненадејниот прекуграничен напад без преседан врз воени бази, градови, доселенички населби и кибуци на јужен Израел на 7-ми октомври.
Околу половината од заложниците беа ослободени во текот на краткотрајното примирје во ноември, но израелските власти велат дека 132 остануваат во Газа, а 25 загинале во заложништво.
Во неделата Хамас објави видео на кое се гледаат тројца израелски заложници во Газа и ја повикаа израелската влада да ја запре воздушната и копнената офанзива и да дозволи нивно ослободување. Во видеото кое трае 37 секунди без датум, се прикажани 26-годишната Ноа Аргамани, 53-годишниот Јоси Шараби и 38-годишниот Итаи Свирски, а завршува со пораката: „Утре (понеделник) ќе ве информираме за нивната судбина“.