Супербогатите стануваат сѐ побогати и покрај инфлацијата и кризите

Кризите и војните последниве години го зголемија јазот меѓу богатите и сиромашните ширум светот, според истражувањето објавено од страна на развојната организација Oxfam во понеделникот вечерта, на денот кога започна Светскиот економски форум (WEF) во Давос.

Според студијата, петте најбогати луѓе во светот, сите мажи, го зголемиле своето богатство повеќе од двојно од 2020 година. Во исто време, речиси 5 милијарди луѓе, најсиромашните 60 проценти, станале уште посиромашни.

Студијата се базира на податоци од различни извори. Oxfam ги комбинирл проценките за богатството на милијардерите направени од американскиот бизнис магазин Forbes со проценките за глобалното богатство на банката „Credit Suisse“, Светската банка и европската агенција за статистика Eurostat.

Oxfam во својата анализа заклучува дека, со сегашната стапка на раст, светот би можел да го има својот прв билионер (во американски долари) по 10 години.

Глобалната сиромаштија, пак, нема да биде целосно надмината ниту за 230 години.

„Милијардерите стануваат сѐ побогати, работничката класа се бори, а сиромашните живеат во очај. Ова е несреќната состојба на светската економија“, напиша американскиот сенатор Берни Сандерс во предговорот на студијата.

„Никогаш претходно во историјата на човештвото толку малку луѓе не поседувале толку многу. Никогаш порано во човечката историја немало таква нееднаквост во приходите и богатството. И никогаш досега не сме виделе вакво невидено ниво на алчност, ароганција и неодговорност од владејачката класа“, напиша Сандерс.

Според податоците на Oxfam, петте најбогати луѓе заработуваат 14 милиони долари на час од 2020 година. Нивното богатство пораснало од 405 милијарди долари во 2020 година на неодамнешни 869 милијарди долари. Заедничкото богатство на сите милијардери порасна трипати побрзо од стапката на инфлација.

Светскиот економски форум беше отворен во понеделникот вечерта, традиционално во швајцарското монденско зимско одморалиште Давос, а главните говори на светсчки челници и деловни лидери започнуваат во вторникот.