Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кире Лазаров е задоволен од победата на Македонија против Швајцарија, тој се надева дека овој триумф ќе биде важен за иднината на ракометот кај нас. Македонија успеа со триумф да го заврши настапот на Европското првенство, победа која е голема со оглед на тоа што ни носи и полесен пат кон Светското првенство за да го продолжиме континуитетот на учество во големите натпреварувања.
-Ова е вредна победа од повеќе причини. Швајцарија е екстра квалитетна репрезентација, тоа го покажа и на ова првенство, но и со игрите во изминатите неколку години, имаат екстра индивидуалци кои се претворени во добар тим. Имаа желба да завршат со победа поради легендата на светскиот ракомет Енди Шмид на кој ова му е последен меч и ќе го преземе кормилото на Швајцарија како селектор од лето. Сакаа да направат поголем успех поради него, но не им се оствари. Ние навистина бевме квалитетни, она што го пропуштивме во претходните два меча против уште поквалитетните противници како Франција и Гермнија каде што имавме многу технички грешки, но сега ги намаливме двојно, можеби и повеќе и тоа е рецептот за успех. Немавме многу примени голови од контра. Нашата одбрана беше подобра и допринесе и нашите голмани да бидат квалитетни, имавме и глава и опашка, и во нападот знаевме што правивме. Им дадовме 29 гола, тоа не успеаа да го направат ниту Франција, ниту Германија против нив. Не е лесно да се игра против таа грантина одбрана на Швајцарија. Мислам дека целата македонска јавност е задоволна. Под импресии сме, но цврсто на земја. Во победите се радуваме сите, но од поразите правиме трагедија, го разбирам тоа бидејќи Македонија навива со срце за своите репрезентации, вели Лазаров.
Македонија неколкупати водеше со пет гола разлика, но имавме пад во финишот во кој Швајцарија дојде во водство, сепак драматичниот крај заврши среќно за нас, успеавме да победиме.
-Успевме да го промениме менталитетот за овој натпревар, се надевам дека ова е првиот чекор кон тоа. Дали имав страв во финишот од пораз? По 45. минута паднавме енергетски, се обидувавме на неколку начини да се одржиме, изгубивме доста енергија, играчите на Швајцарија имаат силни мечеви преку целата сезона, на нив не им недостасуватаа енергија, но успеавме некако и со ротација и со спортска среќа која ја заслуживме. Се боревме до крај, имавме сплотеност, жар, борба и на крајот ја заслуживме победата. Ова не беше ништо стратегиски, ништо тактички, пред мечот им кажав момци само борба. Не беше лесно да се мотивираат ракометарите по поразите од Франција и Германија, но успеавме, победивме, заврши селекторот.
Нашиот млад тим покажа поголема желба и упорност и сосема заслужено дојде до победата. Денеска на голот го имавме извонредниот Томовски, кому во финишот му се приклучи и Кизиќ со една важна одбрана на удар од 7 метри на противникот, по што нашата селекција успеа да дојде до предност од два гола во финишот и да ја запише првата победа.
Фото: Фејсбук / Ракометна Федерација на Македонија – официјална страница