Шефот на дипломатијата на Иран: Израелските заложници нема да бидат ослободени доколку војната не заврши

На Светскиот економски форум во Давос, иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан ги повтори тврдењата на Револуционерната гарда, наведувајќи дека неодамнешните ракетни напади во Курдистан биле насочени кон базите на Мосад во Ирак.

Абдолахиан нагласи дека прецизните напади не биле насочени кон Ирак, туку кон агентите на Мосад, наводно вклучени во операциите против Иран.

Говорејќи на форумот, Абдолахиан изјави: „Го почитуваме суверенитетот на Ирак. Имавме потврдени разузнавачки информации за целта што беше нападната и дека агентите на Мосад кои вршеа операции против Иран заминале таму. Немавме никаква грешка во идентитетот”.

Иранскиот министер за надворешни работи обелодени и разговор со генералниот секретар на Хезболах, за тековната војна во Газа и престрелките на северната граница. Абдолахиан се повика на тврдењето на лидерот на Хезболах, Насрала, дека неговото учество во војната имало за цел да ги заштити Палестинците.

„Втората либанска војна (во 2006 година) резултираше со непишан договор во кој стои: „Нема напад врз Тел Авив и нема напад врз Бејрут“. Меѓутоа, израелскиот атентат на лидерот на Хамас во Бејрут ја промени ситуацијата.

Абдолахиан се осврна и на прашањето за заложниците, тврдејќи дека војната не е решение и дека израелските заложници нема да бидат ослободени доколку конфликтот не заврши. Тој заклучи  дека Израел сега е поизолиран од кога било досега.