ВМРО-ДПМНЕ има прецизни решенија во однос на прашањето со Бугарија, кои ќе бидат дел од нејзината програма со која ќе настапи на изборите – изјави денеска на прес конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски, на новинарско барање за коментар на вчерашните пораки на помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања Џејмс О`Брајан дека опозицијата треба да ги обелодени своите планови за иднината на земјата.
– ВМРО-ДПМНЕ докажано секогаш била проевропски ориентирана, а во однос на главното прашање со Бугарија, ВМРО- ДПМНЕ има прецизни решенија коишто ќе бидат дел од изборната програма, каде до граѓаните ќе понуди решенија и за сите други прашања за коишто граѓаните повеќе се заинтересирани, како што се решенија за економски раст, справување со инфлацијата, решенија за силна економија, решенија за поквалитетно образование, за безбедно и достапно здравство, за борба со криминалот и корупцијата, решенија за справување со мафијата – рече Наум Стоилковски.