На европските берзи во четвртокот во претпладневното тргувањето индексите благо паднаа, по растот на претходниот ден, бидејќи инвеститорите не сакаат да ризикуваат пред одлуките и пораките на првиот човек на Европската централна банка (ECB) од редовната седница.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот дневени пресек беше во минус за 0,1 отсто, по вчерашниот значителен раст. Претпладнево лондонскиот FTSE индекс загуби 0,19 отсто, на 7.515 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,22 отсто, на 16.850 поени, а париски CAC 0,14 отсто, на 7.448 поени.
Иако не се очекуваат промени во монетарната политика, фокусот на инвеститорите ќе биде ставен на денешната средба на лидерите на ECB, бидејќи нивните пораки би можеле да разјаснат кога може да се очекува почетокот на циклусот за намалување на каматните стапки.
И на азиските берзи цените на акциите пораснаа. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, порасна за 0,7 отсто во истиот период од тргувањето во Европа, трет ден со ред. Истовремено, на токиската берза индексот Nikkei зајакна за 0,1 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја, Австралија, Хонгконг и Шангај пораснаа меѓу 0,1 и 3 отсто.
Силниот пораст на цените на акциите во Хонгконг и Шангај е благодарение на најавата на кинеската централна банка дека ќе го намали коефициентот на задолжителната резерва на банките од февруари за да ја подобри ликвидноста и да го зголеми кредитирањето. На овој начин монетарните власти се обидуваат да ја поддржат економијата која веќе подолго време расте побавно од очекуваното.
И додека кинеските берзи пораснаа, другите пазари во регионот тргуваат повнимателно, бидејќи нема многу причини за купување акции. Дотолку повеќе што стивнаа шпекулациите дека централните банки на западните земји би можеле да почнат да ги намалуваат каматните стапки веќе во првиот квартал.