Агенцијата на ОН истражува персонал осомничен за улога во нападите врз Израел

Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (UNRWA) во петокот објави дека отворила истрага против неколку вработени осомничени за вмешаност во нападите на Хамас врз Израел на 7-ми октомври и ги прекинала врските со тие вработени.

„Израелските власти ѝ доставија на UNRWA информации за наводна вмешаност на неколку вработени во UNRWA во ужасните напади врз Израел на 7-ми октомври“, изјави Филип Лазарини, висок комесар на оваа агенција на ОН.

„Со цел да ја заштитам способноста на агенцијата да ја испорача хуманитарната помош, донесов одлука веднаш да ги раскинам договорите на овие вработени и да започнам истрага за без одлагање да се утврди вистината“, додаде Лазарини.

Лазарини не го откри бројот на вработени наводно вклучени во нападите, ниту природата на нивната наводна вмешаност. Сепак, тој рече дека „секој вработен во UNRWA кој бил вклучен во акти на тероризам“ ќе биде повикан на одговорност, вклучително и преку кривично гонење.

Портпаролот на UNRWA одбил за Reuters да даде дополнителни поединости за ситуацијата.

 

Гутертеш згрозен

Антонио Гутереш, генералниот секретар на Обединетите нации, е информиран за наводите, изјави неговиот портпарол.

„Генералниот секретар е ужаснат од оваа вест“, рече портпаролот Стефан Дужарик.

Дужарик додаде дека шефот на ОН побарал од Лазарини да спроведе истрага за да се осигура дека секој вработен во UNRWA за кој ќе се докаже дека учествувал или ги поддржал нападите на 7-ми октомври веднаш ќе биде отпуштен и упатен на потенцијално кривично гонење.

„Ќе биде спроведена итна и сеопфатна независна ревизија на UNRWA“, додаде Дујарик.

 

САД го суспендираа финансирањето на UNRWA

Соединетите држави беа вознемирени од наводите дека 12 вработени во UNRWA можеби биле вмешани во нападот на Хамас врз Израел на 7-ми октомври и привремено го прекинале финансирањето, соопшти во петокот Стејт департментот.

„Стејт департментот привремено го суспендираше дополнителното финансирање на UNRWA додека не ги разгледаме овие наводи и чекорите што Обединетите нации ги преземаат во овој поглед“, рече портпаролот Метју Милер.

Меѓу најголемите донатори на UNRWA во 2022 година беа САД, кои и минатите години во неколку наврати привремено го суспендираа својот удел во финансрањето на агенцијата, Германија и Европската унија.