Изјавата на лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари дека го повикува собранието на партијата да го поддржи на изборите АА да оди во коалиција со другите партии на Албанците кои се во опозиција, регаираа неговите сопартијци. Генералниот секретар Кренар Лога повика на самостоен настап на изборите што е барање и на претходниот лидер на партијата и претседател на партиското собрание Зијадин Села.
Лога преку партиско соопштение информира дека Алијанса за Албанците не разгледува никакви барања до своите партиски тела, Управниот совет, Централното претседателство и Централното собрание за изборите.
„Во сила има одлука на Централното претседателство, кое е изгласано едногласно да излеземе на избори сами. Го повикувам Собранието да се придржува до едногласниот предлог на Претседателството, а тоа е АА да излезе сама на парламентарни избори – пишува во соопштението.
Претседателот на Собранието на партијата Села, пак, на Фејсбук соопшти дека до сега не добил информирнација за никаква понуда за коалиција со друга политичка партија.
„Од средбите што неодамна ги остварив со шефовите на ограноците и другите партиски структури, исто така, информиран сум дека никој од нив не знае за писмена понуда врз основа на што треба да се одлучи“, напиша Села на Фејсбук.
Села додава дека поединецот, во случајов претседателот на партијата не е орган на одлучување.
„Тој има право да предлага до органот кој има право да одлучува, а тоа е Претседателството на партијата кое во моментот има една одлука, а тоа е дека Алијансата за Албанците се натпреварува сама на изборите. Друго тело за одлучување е партиското Собрание. Шверцерските тенденции на партијата за сметка на не знам кој преку Фејсбук статус е сериозно кршење на Статутот на партијата за што претседателот на партијата мора да одговара пред партиските органи. Обидите да се разјасни ставот искажан преку социјалните мрежи од страна на претседателот на партијата како лична одлука е кукавички чин кој сериозно ги нарушува идеолошките линии на Алијансата за Албанците“, напиша Села.