Во пожарите во Чиле 64 загинати, претседателот предупреди дека бројот на мртвите ќе расте

Во пожарите кои ги пустошат централните делови на Чиле загинале најмалку 64 лица, а земјата се соочува со „трагедија од многу големи размери“, изјави во неделата чилеанскиот претседател Габриел Борич, предупредувајќи дека бројот на жртвите веројатно ќе расте следните денови.

Шумските пожари кои избувнаа пред неколку дена им се закануваат на рабните населби на туристичките градови Виња дел Мар и Валпараис, кои заедно бројат повеќе од милион жители.

Властите во најтешко погодените области воведоа полициски час по 21 часот по локално време и ја испратија војската да им помогне на пожарникарите во напорите за запирање на ширењето на пожарите, додека од воздух се прават обиди стихијата да се скроти со исфрлање вода од хеликоптери.

Чилеанскиот претседател Борич, најавувајќи дводневна национална жалост од понеделникот, најави уште лоши вести.

„Ова бројка сигурно ќе расте, значително ќе расте“, изјави Борич во телевизиското обраќање на нацијата.

Бројот на смртните случаи во неделата се зголеми од 64 од 51 во саботата. Покрај тоа, околу 300 лица се водат како исчезнати, според властите кои сѐ уште ги ажурираат податоците, 1.000 домови се оштетени, а низ државата беснеат повеќе од 90 пожари.

Иако шумските пожари не се невообичаени во текот на летото на јужната хемисфера, смртносноста на сегашните пожари ги прави најголемата национална катастрофа во земјата по земјотресот во 2010 година во кој загинаа стотина лица.

Минатата година, во рекордниот топлински бран починаа триесеттина лица, а беа погодени повеќе од 400.000 хектари земја.

„Сите сме заедно во борбата против оваа вонредна ситуација. Приоритет е спасувањето живот“, додаде претседателот Борич.