Руската полиција ги стави на потерница естонската премиерка Каја Калас, државниот секретар на Естонија и министерот за култура на Литванија, се наведува во базата на податоци на руското Министерство за внатрешни работи.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на редовниот дневен брифинг за новинарите рече дека Калас се бара поради „сквернавење на историското паметење“. Руската државна новинска агенција ТАСС објави дека балтичките власти се обвинети за „уништување споменици на советските војници“.
Покрај Калас, на листата се ставени и државниот секретар на Естонија, Таимар Петеркоп, и министерот за култура на Литванија, Симонас Кајрис, според базата на податоци на Министерството.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави: „Ова е само почеток“. „Злосторствата врз паметниците на ослободителите на светот од нацизмот и фашизмот мора да бидат кривично гонети“, рече Захарова.
Балтичките земји кои беа дел од Советскиот сојуз најавија планови за уривање на споменици од советската ера. Калас рече дека во 2022 година, естонските власти ќе демонтираат од 200 до 400 такви споменици.
Како одговор, шефот на Истражниот комитет на Русија, Александар Бастрикин, нареди кривична истрага за случајот. Балтичките политичари ризикуваат да бидат уапсени само ако ја преминат руската или белоруската граница, во спротивно издавањето налог по нив нема да има реални последици. Меѓутоа, сепак, не е познато како ќе се однесуваат при нивни попсети земјите кои не ги прекинаа блиските односи со Москва, како што се Кина, Индија, некои јужноамерикански и африкански земји.
Естонските и литванските власти не ги коментираа последните случувања.
Русија постави десетици балтички политичари на потерници на различни нивоа – од претставници на градските општини до членови на националните парламенти. Освен тоа, на списокот е и поранешната латвиска министерка за внатрешни работи Марија Голубева, објави независниот руски медиум Медиазона.