Познат идентитетот на жртвите во тешката сообраќајка на експресниот пат Штип-Кочани

Двесет и четири годишната Н.П од Скопје сопатничка во возилото „сеат ибица“ со скопски регистерски таблички и 52 годишниот Г.А од Кочани, сопатник во автомобилот „голф“ со кочански регистерски таблички, се жртвите во вчерашната сообраќајна несреќа, што се случи на експресниот пат Штип-Кочани во атарот на селото Жиганци, соопшти денеска за МИА портапролот на СВР-Штип, Гордана Панајотова.

Според информациите на СВР-Штип, во тешката сообраќајна несреќа во која учествуваа три возила „голф“ со кочански, „ситроен“ со винички и „сеат ибица“ со скопски регистерски таблички повредени се пет лица. МИА вчера информираше дека по првичната хоспитализација во кочанската Општа болница, пет пациенти се транспортирани во штипската Клиничка болница, од кои тројца беа на иследување во овој регионален центар, а двајца поради сериозноста на повредите беа транспортирани во Ургентниот центар во Скопје.

Обвинителство синоќа излезе и со соопштение веднаш по завршување на истрагата на лице место од страна на обвинителот од ОЈО-Кочани.

– Јавен обвинител од ОЈО Кочани изврши увид на лице место, издадени се повеќе наредби за утврдување на причините за несреќата. На увидот присуствуваше и вешто лице од областа на сообраќајот, а според првичните сознанија до несреќата дошло при претекнување. Издадена е наредба за прибирање траги од лице место, за обдукција на телата на починатите, наредба за испитување на примероци од крв и урина од учесниците во несреќата, а ќе биде наредено и сообраќајно-техничко вештачење, се вели во вчерашното соопштение од обвинителството.

Експресниот пат Штип-Кочани за сообраќај беше пуштен синоќа во 19:30 часот.