Силјановска Давкова: Состојбата во државава бара да не седиме и да коментираме, време е за национално единство во секој поглед

-Тешко носам одлуки, но стојам зад нив. Состојбата во која се наоѓа земјава бара од нас да не седиме како во ложа и да коментираме, туку да сториме нешто. Еден ден со право ќе не прашаат каде бевте и што правевте со државата која вашите татковци и дедовци ви ја дадоа, изјави професорката и пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова во „Тема на денот“ на Сител телевизија, запрашана за тоа, зошто по вторпат влегува во трката за претседател на Македонија.

Силјановска Давкова истакна дека уште една од причините поради кои се нафати на кандидатура е дека за секој од нас е тешко да чуе дека надвор имаат поголем респект за државата, отколку што има државата за своите граѓани, како и дека граѓаните јасно ја гледаат ситуацијата во која се наоѓа државата.

– Мислам дека амбиентот сега е поинаков од минатите избори, граѓаните ги споредуваат мојата четири годишна работа во Собранието и пет годишната работа на Пендаровски. Покрај тоа, консолидацијата во ВМРО-ДПМНЕ е на далеку повисоко ниво од минатите избори, некогаш и патот е важен, како и резултатот, потенцираше таа.

Во однос на тоа какви каква кампања очекува и дали ќе добие поддршка од другите противкандидати во вториот круг, таа изјави дека очекува витешка битка, а воедно и поддршка од сите останати затоа што луѓето се ценат по стручност и компетентност.

– Што се однесува до битката, знам дека таа меѓу мене и колешката Ванковска ќе биде витешка, можеби е време да покажеме ние жените дека е време за витешка битка. Очекувам дијалог со аргументи, а за останатите мислам дека во вториот круг ќе ме поддржат. Ако сте опозиционер, логично да ја поддржите опозицијата. Меѓу пратениците јас не правам разлика по етничка или партиска основа, имам луѓе со кои одлично комуницирам по принцип на стручност и компетентност. Имам и побратим Албанец во семејството, време е за национално единство во секој поглед, надминување на партиските разлики кога се работи за прашања од државен карактер, изјави Силјановска Давкова.