Превозниците кои вршат патнички и товарен транспорт и кои од Министерството за транспорт и врски имаат сертификат за професионален возач, може да извадат патна исправа приоритетно и по редовна цена.
Владата на седница попладнево ја усвои Информацијата на Министерството која, всушност, е иницијатива на здруженијата на транспортери кои на средба со министерот Благој Бочварски во петокот во Штип побараа да се забрза процесот за добивање пасоши за нивните членови.
Министерот Бочварски соопшти дека Владата на седница го задолжила Министерството за внатрешни работи кое уште утре од Министерството за транспорт и врски ќе го добие списокот на возачи со сертификат кои немаат патна исправа.
Здруженијата на транспортери доставиле список со 120 возачи – дел од нив веќе се во постапка за издавање пасош, а дел треба да ја почнат постапката.
„Наоѓаме решение за издавање патни исправи по брза постапка со цел да излеземе во пресрет на оваа многу значајна дејност за државата, имајќи предвид дека околу 90 проценти од транспортот на товар во државата се врши по патниот сообраќај. Од транспортниот сектор многу зависи домашната економија и затоа сакаме да овозможиме транспортот да не трпи поради состојбата што во моментов ја имаме со патните исправи. Денеска го отворивме прашањето на Влада, по барањето на здруженијата на транспортери, разговаравме и ја усвоивме таа информација. МВР се задолжи да ги забрза процедурите за професионалните возачи. Очекувам за десетина дена да биде завршена процедурата од започнување – до издавање на патна исправа на возачите“, наведе Бочварски и нагласи дека цената за итно издавање пасоши же биде иста како и за редовна постапка.