ССМ бара нова постапка за конфискацијата на Работничкиот дом и најавува протести

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), за да ја спречи конфискацијата на Работничкиот дом, поднесе предлог за повторување на постапката пред Основниот граѓански суд и бара што е можно побрзо овој предлог да биде доставен до Врховниот суд за брзо и ефикасно да се постапи поради новите доставени докази.

Како што соопшти денеска на прес-конференција претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, за максимум една недела до недела ипол, ССМ ќе започне со низа протести кои ќе кулминираат со голем работнички протест на 1 Мај.

Тој апелира во протестите да се вклучат и останатите синдикати.

-Претседателството и Советот на ССМ едногласно донесоа одлука за организирање низа протести кои ќе кулминираат со голем работнички протест на 1 Мај. Низата на протести се токму поради ова – трпението на работниците е премногу мало, не можеме веќе да се усогласиме со политиките што се водат, особено во судскиот систем на штета на работниците со конфискацијата на Работничкиот дом, не можеме да се усогласиме со некои политики без оглед на тоа дали се на централно или на локално ниво во поглед на постапките кои значат намалување на работничките плати. Протестите ќе бидат со отворена покана до сите синдикати во Македонија, не само синдикатите од ССМ, туку ги покануваме и Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, СОНК, УНСМ и сите останати грански синдикати кои не се здружени во ниту една федерација, сојуз или конфедерација, да ни дадат поддршка и да се придружат на протестите, истакна Трендафилов.