Најмалку 43 загинати во пожар во Дака

Најмалку 43 лица загинаа а десетици други се повредени во пожар што уништи седумкатница во Дака, главниот град на Бангладеш, во четвртокот ноќта, соопшти владата.

„Досега имаме 43 мртви“ во оваа несреќа, изјави министерката за здравство Саманта Лал Сен за агенцијата France Presse по посетата на болницата „Medical College“ и уште една здравствена установа специјализирана за изгореници, каде што се хоспитализиран 40 лица.

Министерката Сен изјавила дека најмалку 33 лица, вклучувајќи жени и деца, биле прогласени за мртви во болницата „Medical College“ во Дака, додека најмалку 10 други починале откако биле однесени во Националниот институт за изгореници и пластична хирургија „Шеик Хасина“.

Мохамад Шихаб, претставник на противпожарната служба, изјави дека пожарот избувнал во популарен ресторан во квартот Бејли Роуд и брзо се проширил на горните катови, каде што останале заробени многу луѓе. „Пожарот е изгаснат во рок од два часа, додаде тој.

Вкупно 75 лица се спасени, се наведува во соопштението на противпожарната служба.

Засега не е јасно што го предизвикало пожарот, кој бил ставен под контрола по двочасовни исклучителни напори на 13 противпожарни единици, соопштија претставници на противпожарната служба.

Пожарникарите користеле кран за да спасат луѓе од јагленосаната зграда, соопштија претставници на противпожарната служба.
Директорот на противпожарната служба и цивилната одбрана на Бангладеш, бригадниот генерал Мајн Удин, рече дека пожарот може да потекнува од истекување на гас или шпорет.

„Тоа беше опасна зграда со плински боци на секој кат, дури и на скалите“, им рече тој на новинарите.

Пожарите во станбени згради и индустриски комплекси не се невообичаени во Бангладеш поради слабото спроведување на безбедносните прописи. Интензивното истраги и преземените мерки во Бангладеш во бројните погони на големите меѓународни трговци на мало за облека коишто произведуваат во земјата помогна да се спречат натамошни катастрофи во секторот за облека по пожарот во 2012 година и уривањето на зградата во 2013 година, во кои заедно загинаа повеќе од 1.200 работници.