Сунак: Екстремистите ја поткопуваат британската демократија

Британскиот премиер Риши Сунак во петокот изјави дека исламистичките и крајно десничарските екстремисти намерно ја поткопуваат британската мултиетничка демократија, повикувајќи на посилен одговор против говорот на омраза и криминалот.

Британските пратеници добија дополнителни средства за нивната безбедност оваа седмица, откако некои од нив добија закани поради нивната поддршка за операцијата на Израел во Појасот Газа.

„Стравувам дека намерно се поткопува нашето големо достигнување за градење на најуспешната мултиетничка и мултиконфесионална демократија на светот“, рече Сунак во говорот пред неговата канцеларија во Даунинг стрит, додавајќи дека има „шокантно зголемување на екстремистички нарушувања и криминал“.

Сунак рече дека луѓето имаат право да протестираат и да бараат заштита на цивилите во Газа, но дека не смеат да го користат тоа за да му изразат поддршка на Хамас. Тој најави дека сака полицијата не само да ги „менаџира овие протести“, туку и да ги надгледува.

Додаде дека „исламистичките екстремисти и екстремната десница меѓусебно се хранат и охрабруваат“ и дека тие се две страни на „истата екстремистичка паричка“. Ги предупреди оние коишто во земјата престојуваат со виза дека може да бидат депортирани доколку одлучат да „шират омраза“.

Сунак, кој ја поддржува израелската акција во Појасот Газа, исто така, рече дека изборот на ветеранот левичар Џорџ Галовеј во парламентот е „повеќе од алармантен“, обвинувајќи го дека ги негира злосторствата на Хамасд извршени во текот на ненадејниот напад во јужен Хамос од 7-ми октомври.

Галовеј одговори дека и тој самиот бил нападнат во 2014 година.

„Јас сум против екстремизмот и насилството како и сите други, веројатно малку повеќе поради моето лично искуство“, рече тој.

Во својот говор Сунак рече дека е време за единство во борбата против „силите на раздорот“ и „тој отров“.

„Мораме да се соочиме со екстремистите кои сакаат да нѐ поделат“, додаде британскиот премиер.