Мицкоски: Главен фокус ни е интеграцијата во ЕУ, но нема да ги распродаваме националните интереси како досегашната Влада

Навистина имавме една корисна и продуктивна пријателска средба со Каролина Едстадлер, министер е во Владата на Австрија за Европа и за Устав. Само што завршивме со средбата со претставниците на една од стопанските комори на федералната костопанска комора на Австрија. И на средбата разговаравме практично за можни дополнителни инвестиции од Австрија кои што би дошле веднаш по формирањето на Владата на ВМРО-ДПМНЕ“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од Виена.

„Продолжуваме на состанок со господинот Александер Шаленберг, министерот за надворешни работи овде во австриската Влада. А, потоа денот ќе го завршиме со дружење со македонската дијаспора, со иселениците кои што се тука во главниот град на Австрија, во Виена“, рече тој.

Мицкоски додаде дека очекува да дојдат и македонски иселеници од останатите градови од Австрија тука за да се остварат средба, да имаат заедничко дружење и да разговараат за моменталната состојба во Македонија и кои се плановите на ВМРО-ДПМНЕ во иднина.

„Ќе започнам од средбите кои што веќе ги завршивме, на првата средба со Едстадлер ги објаснивме позициите на ВМРО-ДПМНЕ кои што се однесуваат на практично програмата која што би била идна програма на идната Влада која што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ. Имајќи в предвид дека Македонија е можеби најкорумпираната држава и со најголеми политички криминалци во Владата во Југоисточна Европа и на Западниот Балкан. Дека главен приоритет на идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде борба против криминалот и корупцијата и резолутно спроведување на владеење на правото. И сите оние кои што се огрешиле пред законот треба да сносат последици за тоа што го направиле со фокус на овие политички криминалци во најкорумпираната Влада во Југоисточна Европа и Западен Балкан“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Како проевропска Влада продолжуваме и во иднина главен фокус да е интеграцијата на Македонија во рамките на ЕУ. Но, на еден различен начин, од тоа што го правеше досегашната Влада. Ние нема да коленичиме и да бидеме подлизурковци и измеќари. И нема да ги распродаваме националните интереси, и нема да ја крадеме Македонија со едната рака, а со другата да мавтаме со европското знаменце. Туку подготвени сме со сите, на една рамноправна основа, на една двонасочна улица, со аргументирани ставови и позиции да разговараме за вистинска европска иднина на Македонија и да ги реафирмираме вистинските европски вредности, врз основа на кои почива самата Европска Унија, а дефинирани многу одамна од основачите Аденауер, Шуман и Дегаспери“, укажа тој.

Мицкоски нагласи дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е принципиелен и сега и после изборите, дека се подготвени со секого да разговараат, на една рамноправна основа, штитејќи ги националните и идентитетските интереси на македонскиот народ, на граѓаните во Македонија и Македонија како држава.

„За време на средбата со претставниците на Федералната стопанска комора овде, добив информација дека повеќе од 60 компании од Австрија се активни во Македонија во различни области. На увид имавме една анкета која ја спровела комората за впечатоците од повеќе земји каде што тие се присутни, меѓу кои и Македонија. Од таа анкета јасно се гледаат слабостите на системот, јасно се гледа дека станува збор за едно корумпирано општество, јасно се гледа она кое што во моментот го гледаат и го чувствуваат сите граѓани, дека криминалците се во владата и дека после изборите тие криминалци треба да ја напуштат владата и треба да одговараат за сето она кое што го правеа овие шест и половина години. Ние сме подготвени да разговараме со сите оние австриски компании кои што во моментот се во Македонија, но не само со австриските компании, туку со буквално сите и домашни и странски компании да видиме како идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе може да им помогне, уште од сега да воспоставиме контакт и веднаш по формирањето на новата влада, брзо, веднаш да реагираме за да можеме да излеземе во пресрет. А, излегувајќи им на нив во пресрет ќе креираме нови работни места, добро платени нови работни места и луѓето ќе си ги сочуваме дома“, појасни Мицкоски.

Тој посочи дека е оптимист од ова што се случуваше на овие средби, па ќе се види како ќе биде понатаму на средбата со господинот Шаленбер, со македонската дијаспора. Но, очекува исто и тука да има една позитивна енергија и да го привршува полека овој успешен престој и овде во Виена после конгресот кој што го имаше Европската Народна Партија во Букурешт.