Цените на станбените недвижности во Германија паднале првпат од 2007-та

Цените на станбените недвижности во Германија паднале во минатата 2023 година првпат од 2007 година и почетокот на светската финансиска криза, според податоците на Destatis, објавени во петокот.

Станбените недвижности минатата година поевтиниле за 8,4 отсто, пресметал германскиот завод за статистика.

Нивните цени паднале првпат по 2007 година и почетокот на финансиската криза која набрзо се прошири од САД во целиот свет. Падот е и најсилен од 2000 година, кога Destatis почна да ја води ваквата евиденција.

Во четвртиот квартал тие се намалени за 7,1 отсто во однос на истиот период претходната година, продолжувајќи го надолниот тренд петти квартал по ред. Во третиот квартал тие биле за 10,1 отсто пониски во однос на истиот период во претходната 2022 година, покажуваат податоците на Destatis.

Германскиот пазар на недвижности цутеше во периодот на ниските каматни стапки, поддржани од силната побарувачка, но ситуацијата драматично се промени кога Европската централна банка (ECB) почна да ги зголемува трошоците за задолжување во средината на 2022 година за да ја ограничи инфлацијата. Од јули 2022 година до септември 2023 година, ECB ги зголеми за дури 4,5 процентни поени.

Поради значително повисоките трошоци за задолжување и градежништвото, компаниите повеќе не можат да ги исполнат доспеаните обврски, банкарските кредити пресушуваат, а работните места се во застој, забележува Reuters.