Резолуцијата за Газа ја поздравија Гутереш, фон дер Лајен и Мишел, но и Хамас

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел во понеделникот вечерта го поздравија усвојувањето на обрзувачката резолуција на Советот за безбедност на ОН со која се бара итен прекин на огнот во Газа и ослободување на заложниците.

Советот за безбедност на ОН во понеделникот побара итен прекин на огнот во војната меѓу Израел и, како што тврди Тел Авив, палестинската милитантна група Хамас и итно и безусловно ослободување на сите заложници, откако САД се воздржаа од гласањето и не вложиај по шести пат вето како на претходните документи на истата тема.

„Оваа резолуција мора да се спроведе. Неуспехот ќе биде непростлив“, рече Гутереш во пораката објавена на X.

Фон дер Лејен рече на X дека „спроведувањето на резолуцијата е од суштинско значење за заштита на сите цивили“.

На истата платформа, Мишел нагласи дека „сега е итно“ да се одржи прекин на огнот во Газа и да се ослободат сите заложници на Хамас.

Мора да се дозволи и хуманитарна помош да влезе во Газа, рече Мишел, цитирајќи ја заедничката изјава на лидерите на ЕУ минатата недела.

Резолуцијата на Советот за безбедност, исто така, „ја нагласува итната потреба за зголемување на протокот на хуманитарна помош и зајакнување на заштитата на цивилите низ Појасот Газа и го повторува барањето за отстранување на сите пречки за испорака на хуманитарна помош од големи размери“.

Во шестиот месец од војната што започна откако Хамас го нападна Израел на 7 октомври, ОН предупредуваат дека најмалку 576.000 луѓе во Газа се на работ на глад, а глобалниот притисок се зголемува врз Израел да дозволи поголем пристап до резервите за помош.

Резолуцијата на ОН ја поздрави и Хамас, кој нагласи дека е подготвен да учествува во моменталната размена на заробеници со Израел и со Палестинската управа.