Русија повторно побара седница на СБ на ОН за бомбардирањето на НАТО врз СР Југославија во 1999-та

Првиот заменик на постојаниот претставник на Русија во Обединетите нации, Дмитриј Полјански, изјави дека Москва побарала нов состанок на Советот за безбедност на светската организација за агресијата на НАТО врз Југославија во 1999 година, но оти руските дипломати сѐ уште го чекаат одговорот на претседавачот со Советот.

Како што јави РТС, Советот за безбедност на Обединетите нации во понеделникот ја отфрли расправата за 25 години од почетокот на НАТО бомбардирањето на тогашна СР Југославија, бидејќи за дневниот ред не гласаа доволно амбасадори на земјите-членки, откако Франција се спротистави во името на западните сојузници.

Дмитриј Полјански изјави дека Русија на 25-ти март испратила официјално писмо до јапонската мисија која претседава со Советот за безбедност на ОН, во кое бара што е можно побргу да се одржи состанок на Советот за безбедност на ОН посветен на 25-годишнината од агресијата на НАТО врз Југославија.

„Писмото е испратено до сите членки на Советот за безбедност и чекаме официјален одговор“, рече Полјански.