Цените на акциите и обврзниците на финансиските пазари во моментов се високи со оглед на ризиците за економската активност и нивниот остар пад може да ги зголеми трошоците за задолжување за граѓаните и бизнисите во Велика Британија, предупреди централната банка Bank of England (BoE).
Некои ризици за финансиската стабилност на глобално ниво се интензивираа по седницата во декември, предупреди Комитетот за финансиска политика на банката.
Инвеститорите на финансиските пазари очекуваат континуирано закрепнување на економијата и слабеење на инфлацијата, така што цените на многу категории на средства, вклучувајќи ги акциите и обврзниците, пораснаа и изгледаат високи, со оглед на ризиците за економската активност, забележува BoE.
„Ова подразбира поголем ризик од остар пад на цените на средствата, што на крајот би ги зголемило трошоците и би го отежнало задолжувањето за домаќинствата и бизнисите во Британија“, објаснуваат тие.
Исто така, го истакнуваат високото ниво на глобални и геополитички ризици, вклучувајќи ги конфликтите во Украина и на Блискиот исток, како и високите нивоа на јавен долг во големите економии.
Домаќинствата и компаниите сѐ уште се отпорни, иако се под притисок од повисоките животни трошоци, соопшти централната банка.
Изгледите за британските домаќинства се малку подобрени од крајот на минатата година, иако граѓаните сѐ уште се под притисок од зголемените животни трошоци и повисоките каматни стапки.
Зголемувањето на платите ги зајакна финансиите на домаќинствата, а каматните стапки на хипотеките благо паднаа од декември, покажа извештајот на банката. И покрај тоа, месечните исплати на околу 45 отсто од имателите на хипотеки со фиксна стапка и натаму ќе бидат повисоки кога ќе се рефинансираат до крајот на 2026 година.
Банката укажува и на континуираниот тренд на побарувачка за хипотекарни кредити со подолг рок на отплата, наведувајќи дека во последните три месеца од 2023 година, приближно половина од сите одобрени кредити имале рок на доспевање од најмалку 30 години.
Заемите станаа подостапни за многу заемопримачи благодарение на подолгите рокови за отплата, меѓутоа, исто така, може да им наштетат на издржливоста и на заемопримачите и на заемодавачите во случај на зголемени проблеми со отплатата.
Износот на неподмирените хипотекарни кредити е благо зголемен од декември и износот треба дополнително да се зголемува, иако останува низок според историските стандарди, објави управниот одбор на банката. Сепак, нагласува дека британскиот банкарски сектор е доволно силен да ги поддржи домаќинствата и бизнисите дури и ако економијата значително се влоши.