Пелегрини е новиот претседател на Словачка

Кандидатот на владејачката коалиција Петер Пелегрини победи на претседателските избори во Словачка, а откако се добиени резултатите од повеќе од 90 отсто од избирачките единици, забележа поддршка од 55 отсто од граѓаните кои излегоа на гласање.

Резултатите од 92,9 отсто од обработените избирачки материјали покажаа дека Пелегрини е во предност пред таканаречениот прозападен опозициски кандидат Иван Корчок, кој има поддршка од 45 отсто од граѓаните и кој веќе го призна поразот и му честиташе на Пелегрини за победата.

Четириесет иосумгодишниот Пелегрини е долгогодишен сојузник на премиерот Роберт Фицо, така што победата е поттик за словачкиот премиер во политичкиот пресврт кој вклучува придвижување на позициите за поблиска соработка со Русија и планови за реформа на кривичниот законик и јавната телевизија, предизвикувајќи загриженост за слабеење на владеењето на правото во Брисел, според Reuters.

Фицо претходно го избра Пелегрини за премиер, откако тој беше принуден да се повлече поради јавните антикорупциски протести по убиството на истражувачки новинар во 2018 година. Пелегрини подоцна се одвои од Фицо за да формира своја партија Hlas (Глас), полиберална и поблиска кон центарот отколку левичарска партија SMER на Фицо, но заедно со Фицо и националистичката SNS, тој ја формираше владата во октомври минатата година.

Словачките претседатели немаат голема извршна моќ, но можат да стават вето на законите или да бараат од уставниот суд да се произнесе по нив. Претседателите номинираат членови на уставниот суд, што може да биде важно во претстојните битки околу реформите на Фицо кои наводно драматично ќе ги намалат казните за корупција, како што критикуваат од Брисел.

Во кампањата, Пелегрини го прикажуваше Корчок како воен подбуцнувач поради неговата поддршка за испраќање оружје во Украина и рече дека може да ги доведе словачките војници во војна, што Корчок го негираше.

Пелегрини важи за поумерен од Фицо, а претходно изјави дека неговиот избор нема да значи брзање за промена на надворешната политика. „Не се работи за идниот правец на надворешната политика, јас сум и гаранција, како и другиот кандидат, дека ќе продолжиме да бидеме силна членка на ЕУ и НАТО“, рече тој.

Независниот Корчок беше претставник на Словачка во ЕУ, а подоцна и амбасадор во Соединетите држави, пред да ја преземе функцијата министер за надворешни работи во владите на десниот центар во 2021-2022 година. Во тоа време, Словачка беше верен сојузник на Украина, обезбедувајќи ѝ противвоздушна одбрана и борбени авиони. Владата на Фицо го прекина ова откако ја презеде власта, јасно укажувајќи дека воените резерви на словачката армија се исцрпени, а земјата осиромашена во периодот на таканаречената „прозападна“ влада нема средства за набавка на нова скапа опрема.