Високиот претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Жозеп Борел, во понеделникот изјави дека „можеби е во нечиј интерес“ да избие поширока регионална војна на Блискиот исток што ќе го оневозможи запирање на израелските воени операции во Појасот Газа и повика на деескалација на конфликтот меѓу Израел и Иран.
Иран лансираше стотици беспилотни летала и проектили кон Израел во саботата вечерта, како одговор на израелскиот напад врз иранскиот конзулат во Дамаск, во кој загинаа седум офицери на Иранската револуционерна гарда, вклучително и двајца високи команданти. Израел, како и изминаитте десетина години кога гаѓа ирански цели во Сирија ниту ја потврди ниту децидно ја негираше одговорноста за нападот кој се случи на 1 април.
„Ние сме на работ на карпата и мораме да се повлечеме. Мораме да притиснеме на сопирачките и да се вратиме наназад“, изјави Борел за шпанското радио Onda Cero.
Во интервју за шпанската јавна телевизија TVE, Борел изјави дека Европската унија очекувала ваков одговор од Иран.
„Уште откако беше бомбардирана зградата на иранскиот конзулат, со неколку жртви, знаевме дека Иран ќе одговори… Покрај тоа, тие практично го соопштија тоа, како и кога ќе следи нападот. Иран сакаше да ја ограничи штетата што може да ја предизвика со својот напад“, рече Борел
Иран ги насочувал ракетите од далеку кон воени цели, па Израел имал време да реагира на нивно запирање и соборување, па немало цивилни жртви, додаде шефот на дипломатијата на ЕУ.
Борел рече дека очекува одговор од Израел на иранскиот напад, но и дека се надева дека тој нема да предизвика дополнителна ескалација.
Истакна дека има „длабока поделба“ во израелската десничарска владејачка коалиција меѓу тврдолинијашите кои бараат „жестока одмазда“ и „поумерена и разумна“ фракција. Оваа фракција бара одмазда, „но на начин што избегнува одговор на одговор“, толкува Борел.
Борел, кој разговараше доцна во неделата со иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан, рече дека Европската унија мора да има најдобри можни односи со Иран и покрај санкциите наметнати врз него поради неговата нуклеарна програма и други прашања.
„Во интерес на сите е Иран да не стане нуклеарна сила и да има мир на Блискиот исток“, додаде Борел некоментирајќи ги информациите дека Израел поседува голем нуклеарен арсенал.
Борел рече дека сите дипломатски напори се насочени Израел „да остане воздржан и да не предизвикува спирала на поголемо насилство“. ЕУ разговара со двете земји за „да нема ескалација“.
„Иранскиот министер ми рече дека што се однесува до нив, одговорот е завршен. Но, тие ќе возвратат ако бидат нападнати. Затоа е неопходно да се контролира ситуацијата, бидејќи тоа може да предизвика регионална војна со голем интензитет“, рече Борел.
Додаде дека не мисли дека некој сака регионална војна. „Но, таа може да биде од интерес за некого“, истакна тој. Запрашан кој би можел да има интерес од поширока војна, Борел не именуваше никого.
„Ако тоа се случи, ќе бидеме спречени да ја запреме војната во Појасот Газа, што е наша примарна цел“, рече тој. „Палестинците не смеат да ја платат цената за сето ова. Не смееме да заборавиме дека во моментов е клучно да се запрат воените операции во Газа и да се достави помош до стотици илјади луѓе таму“, додаде тој.
Борел рече дека сè уште нема унифициран став меѓу 27-те земји на ЕУ за траен мир во Газа.
„Некои земји како Шпанија и Франција го побараа тоа бидејќи целта е да се стави крај на ужасните страдања на жителите на Појасот Газа“, нагласи тој.
Тој исто така рече дека „за жал, признавањето на Палестина сè уште не е реалност“, иако многу земји од ЕУ зборуваат за решение со две признати и соседни држави, Израел и Палестина. Тој рече дека конфликтот што трае од 1948 година не смее да се решава на тој начин што целата земја им припаѓа на посилните.
Уште порано, ОН предложија мировно решение со две држави во границите од 1967 година.
„Знам колку е тешко да се спроведе тоа решение, но некој нека ми даде подобро решение“, заклучи Борел.