Германското Министерство за финансии објави дека 3,9 милијарди евра руски имот се замрзнати во Германија. Овие средства Germanijaвклучуваат пари, акции и јахти кои припаѓаат на санкционирани поединци, организации или компании.
Во јуни минатата година, владата на пратеничко прашање одговори дека вредноста на руските замрзнати средства ја проценува на 5,2 милијарди евра. Портпаролката објасни дека сумата е предмет на флуктуации на пазарот и е, исто така, под влијание на индивидуалното бришење на поединци или организации во ЕУ.
Германскиот канцелар Олаф Шолц неодамна објави дека приходите од задржувањето на замрзнатите руски средства во ЕУ може да се користат за купување оружје за Украина од целиот свет. Европската комисија предложи 90 отсто од приходите од замрзнатите руски средства да се користат за финансирање на купување оружје за Украина, а останатите 10 отсто да одат директно во украинскиот државен буџет. Тоа е неколку милијарди евра годишно.
Европската комисија објави дека околу 210 милијарди евра од руската централна банка се замрзнати во ЕУ. Русија веќе предупреди дека би можела да возврати со конфискација на имотот на европските, американските и другите земји кои ќе се одлучат на таков чекор, а кои се проценуваат на околу 280 милијарди евра.
Финансиската институција „Euroclear“ со седиште во Брисел неодамна објави дека во 2023 година остварила околу 4,4 милијарди евра приходи од камати поврзани со овие средства. Околу 210 милијарди долари се блокирани на сметки во Европа, главно во белгиската клириншка куќа „Euroclear“. Извршната директорка на „Euroclear“ предупреди дека белгиското „средно решение“, според кое руските средства би можеле да послужат како колатерал за задолжување, всушност претставуваат запленување „на задната врата“.
„Користењето средства што не ви припаѓаат како колатерал е прилично блиску до индиректно заплена или идна обврска за заплена, што може да ги има истите ефекти на пазарите како и директната заплена“, рече Лиев Мостри во интервју за Financial Times објавено кон средината на февруари. И директните и индиректните заплени би можеле да го изложат „Euroclear“ на тужби, нагласи таа.