За слоновите, како и за луѓето, поздравувањето е сложена работа

Луѓето се поздравуваат на различни начини: некои велат „здраво“, други „добро утро“, некои се ракуваат, некои се бакнуваат во образ или се гушкаат, а истото е и со слоновите.

Истражувањето засновано на набљудување на африканските слонови во резерватот Јафута во Зимбабве дава нови сознанија за визуелните, акустичните и тактилните гестови што ги користат при поздравувањето, но и за разликите меѓу неколку видови поздравување.

„Слоновите живеат во таканаречена група ‘фисија-фузија’, во која тие често се раздвојуваат и повторно се спојуваат, состанувајќи во интервали од повеќе часови, денови или месеци“, вели бихејворалниот биолог Веста Елеутери од Универзитетот во Виена, водечки автор на студијата што ја објави овој месец во списанието Communications Biology.

Слоновите, најголемите копнени животни, се многу интелигентни, имаат добра меморија, способности за решавање проблеми и софистицирана комуникација.

Женките од различни семејства можат да создадат силни социјални врски меѓу себе и да формираат групи. Претходните истражувања забележаа дека кога овие групи се среќаваат, слоновите се поздравуваат на сложени начини за да ја зајакнат својата социјална врска, вели Елеутери.

Мажјаците, пак, имаат послаби социјални врски, а нивните поздравви може повеќе да послужат за ублажување на можните „ризични средби“. Најчесто се поздравуваат со меѓусебно душкање со сурлите, додава Елеутери.

Истражувањето идентификувало околу 20 видови гестови кои слоновите ги користат кога се поздравуваат и покажале како ги комбинираат на посебни начини со различни видови вокализации. Исто така, студијата покажа дека мирисот игра важна улога во поздравувањето, кое често вклучува мокрење или дефекација.

Слоновите може да се поздравуваат со визуелни гестови, на пример, со ширење на ушите или со покажување на задникот, аудитивни гестови, како на пример мафтање со ушите или тактилни гестови, како што е допирањето на другиот слон.

„Откривме дека тие ги избрале овие визуелни, акустични и тактилни гестови земајќи предвид дали нивниот партнер за поздравување ги гледа или не, што упатува на тоа дека се свесни за визуелните перспективи на другите. Тие претпочитаа да користат визуелни гестови кога нивниот партнер ги гледа, а тактилен кога не ги гледа“, вели Елеутери.