Комисијата за спречување и заштита од дискриминација минатата година добила двојно повеќе претставки во однос на 2022 година. Денес, Комисијата го презентира извештајот за работењето во 2023 година, кој бележи тренд на зголемување на бројот на претставките.
„Годинава, Комисијата работеше на 523 претставки, што е повеќе од 100 отсто зголемување во однос на претходната година. Тоа, веројатно, говори дека Комисијата добива видливост, дека граѓаните се поинформирани во однос на тоа каде треба да ја пријават дискриминацијата и дека институцијата добива уште повеќе доверба. Забележуваме тренд на повторување на истите области од дискриминацијата од претходната година, па така медиумите, јавното информирање, работниот однос, образованиот процес и пристапот до образованите услуги и во 2023 година, исто како и во 2022 година, остануваат најчести области во кои се пријавува дискриминација“, рече претседателот на Комисијата, Игор Јадровски.
Во споредба со 2022 година, се забележува тренд на намалување на дискриминација врз национална и етничка припадност, меѓутоа пораст на оние случаи на дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет.
И покрај зголемениот обем на работа, Јадровски нагласи дека се соочиле со истите предизвици на кои се жалат трета година по ред, односно работат со ограничен буџет и малкумина вработени.
„Апелирам, пред сè, Собранието, кое го гласа буџетот, меѓутоа и другите надлежни институции, да имаат слух за овие предизвици. Комисијата, иако во 2023 година имаше и квантитативно и квалитативно двојно повеќе работа, работевме со намалени човечки капацитети во 2023 година. Комисијата сè уште останува со прилично лимитиран буџет. Сè уште континуирано се прекршува онаа финансиска независност на Комисијата, односно располагањето на буџетот на Комисијата, што директно е во колизија со законската поставеност на Комисијата како независно тело“, вели претседателот на Комисијата, Јадровски.
Во моментот Комисијата го подобрува пристапот до институцијата оти Јадровски вели дека сега се непристапни, а во периодот што следува најави дека ќе настојуваат да бидат поактивни, особено во областа образование, па апелираат да бидат вклучени во работните тела, кои ги подготвуваат стратешките закони.
Комисијата и натаму ќе притиска за вклученост во закони и политики што значат подобрување на принципот на еднаквоста, унапредување на еднаквоста и заштитата од дискриминација. Во следниот период очекуваат повторно да се активираат процесите за носење на законот за родова еднаквост и измените на законот за матична евиденција во делот за признавање на родот и чекаат Комисијата да биде препознаена како тело што треба да биде вклучено во работните групи.