Руското МНР денеска го објави писмениот Коментар на својата официјална претставничка Марија Захарова во врска со усвојувањето на резолуцијата на Генералното собрание на ОН за Меѓународниот ден на сеќавање на „геноцидот“ во Сребреница.
„На 23 мај, Генералното собрание на ОН, со 84 гласа „за“, 19, вклучително и Русија, „против“ и 68 воздржани, усвои резолуција со која 11 јули е воспоставен како Меѓународен ден на сеќавање на „геноцидот“ во Сребреница, во јули 1995 г. Во гласањето не учествуваше 21 земја.
Тој документ е уште еден неодговорен обид на западњаците да ја прекројат историјата и да консолидираат толкување на околностите на етничкиот конфликт на територијата на поранешна Југославија што одговара на нивните геополитички интереси.
Резолуцијата е силно политизирана и има антисрпски карактер. Зад демагошкото расудување од хуманитарен карактер, јасно се гледа намерата сета одговорност за конфликтот во поранешна Југославија да се префрли на српскиот народ, казнувајќи го за неговата слободоумност, независност и неподготвеност да се „покорат“ на наредбите на НАТО. Во исто време, иницијаторите за усвојување на овој документ од страна на Генералното собрание на ОН имаат смелост да се изјаснат дека неговата цел е да придонесе за меѓуетничко помирување и единство на трите конститутивни народи на БиХ (Бошњаците, Србите и Хрватите ).
Убедени сме дека ефектот ќе биде спротивен од прокламираното. Авторите на резолуцијата и оние кои гласаа за неа не можат да не се свесни за тешката ситуација во БиХ, каде што легитимните интереси на Република Српска (еден од двата ентитета на БиХ) веќе подолго време се грубо кршени. Документот усвоен од Генералното собрание само ќе ги продлабочи постоечките разлики и ќе го зголеми конфликтниот потенцијал на Балканот. Под закана е Дејтонскиот мировен договор, кој е основа на државноста на Босна и Херцеговина.
Иницијативата за усвојување на резолуцијата со завидна упорност и со флагрантно кршење на Уставот на Босна и Херцеговина беше „туркана“ од политичките претставници во Сараево – без потребната консензусна одлука на Претседателството на Босна и Херцеговина во вакви случаи, како што бара Дејтонскиот договор. Во тоа тие беа активно поддржани од претставници на земјите од НАТО, кои ја носат главната одговорност за трагичните настани во Југославија, вклучително и Сребреница. Непринципиелни иницијатори на антисрпскиот потфат беше Германија, која за време на Втората светска војна го изврши најголемиот геноцид во историјата на човештвото, но, за жал, и Руанда.
Русија заедно со истомислениците се обиде да разговара со авторите на антисрпскиот план. За време на отворената седница на Советот за безбедност на ОН, одржана на наша иницијатива на 30 април, го свртевме вниманието на Советот на заканите за Дејтонскиот договор, вклучително и како резултат на усвојувањето на резолуцијата за Сребреница. Западњаците не сакаа да нè слушаат ниту нас, ниту Србите. Штетните последици остануваат на нивната совест“.