Полската влада одобри тампон зона на границата со Белорусија

Полска одлучи да формира тампон зона на границата со Белорусија. На состанокот во Бјалисток на истокот на земјата во понеделникот, владата на премиерот Доналд Туск му нареди на Министерството за внатрешни работи да го започне процесот на офомрување на тампон зоната.

Потегот има цел да го отежне илегалниот премин на мигранти преку полско-белоруската граница и да ги подобри условите за работа на граничарите, армијата и полицијата.

Тампон зоната најверојатно ќе биде широка 200 метри, но на некои места ќе биде многу поширока и до два километри. Полска, членка на Европската унија и НАТО, има граница со Белорусија долга околу 400 километри.

Мерката е реакција на неодамнешниот фатален напад со нож врз полски војник на граничната ограда. Армијата соопшти дека војникот наводно бил нападнат од белоруска страна кон крајот на мај. Тој беше тешко повреден и на крајот им подлегна на раните.

Полскиот претседател Анджеј Дуда во понеделникот изјави дека ќе се направат сите напори за да се фати и казни напаѓачот. Новинската агенција PAP објави дека Туск најави и олеснување на законските прописи за употреба на огнено оружје од страна на безбедносните сили.

Полска и ЕУ го обвинуваат белорускиот лидер Александар Лукашенко дека систематски носи мигранти од кризните региони до надворешните граници на ЕУ со цел да изврши притисок врз Западот. Меѓутоа, Минск ги отфрли таквите обвинувања и возврати со обвнување полските сили за изживување, злоставување и физички тортури врз мигрантите во нехумани услови и за нивно насилно префрлање од полска на белоруска територија.

Во текот на летото 2022 година, Полска ја обезбеди својата граница со Белорусија со жичена ограда висока 5,5 метри и систем за електронски надзор. И покрај изградбата на граничните структури, мигрантите продолжуваат секојдневно илегално да ја преминуваат надворешната граница на ЕУ.