Руски воени бродови утре ќе влезат во Куба

Одред руски бродови на Северната флота ќе пристигне во Куба на 12 јуни, изјави врховниот командант на морнарицата Александар Мојсеев за РИА Новости. „Ова е во рамките на меѓународната соработка меѓу Русија и Куба“.

Тој појасни дека оваа посета е само една од задачите.

Мојсеев појасни дека предводникот на одредот е фрегата со модерно оружје на бродот, а вклучува и нуклеарна подморница.
Минатата недела кубанското Министерство за надворешни работи соопшти дека фрегатата „Адмирал Горшков“ и нуклеарната подморница „Казан“, заедно со два брода за поддршка, ќе пристигнат во пристаништето во Хавана од 12 до 17 јуни.
Си-Би-Ес Њуз, повикувајќи се на неименувани американски претставници, објави дека бродови на американската морнарица ќе ја следат посетата на руските бродови. Еден од соговорниците на каналот појасни дека Вашингтон не ја гледа ситуацијата како закана, но американските бродови ќе бидат распоредени „да ги надгледуваат Русите“.