Земјите-членки на НАТО ќе можат да преговараат за кандидатурата на наследникот на генералниот секретар Јенс Столтенберг пред самитот што ќе се одржи меѓу 9 и 11 јули во Вашингтон, изјави постојаниот претставник на САД во НАТО Џулијан Смит.
„Јас сум апсолутно убеден дека сојузниците во НАТО ќе можат да се договорат за наследникот на Јенс Столтенберг до моментот кога ќе дојдеме на самитот. Ова е тема на разговор низ Алијансата веќе подолго време. Тоа е одлука што треба да биде донесена со консензус Дојдовме до точка каде што сè повеќе гледаме одреден моментум за ова конкретно прашање, и затоа сум многу убеден дека ќе имаме објава до моментот кога ќе стигнеме до самитот во јули“, подвлече Смит.
За наследници на Столтенберг претендираат вршителот на должноста холандски премиер Марк Руте и претседателот на Романија Клаус Јоханис. Според холандските медиуми, кандидатурата на Руте моментално ја поддржуваат 29 од 32 земји-членки на НАТО, вклучително и САД. Унгарија, Романија и Словачка се против неговата кандидатура.
Претходно, Столтенберг истакна дека ќе остане на функцијата до 1 октомври 2024 година. Оваа одлука беше одобрена за време на самитот на НАТО во Вилнус на 11-12 јули минатата година. Според бројни медиуми, службата на Столтенберг била продолжена поради тешкотиите при одлучувањето за кандидатурата на неговиот наследник. Генералниот секретар на НАТО се именува со консензус меѓу земјите-членки.