Антивладините демонстранти кои во понеделникот доцна ноќта почнаа да се собираат на улиците на Ерусалим барајќи нови избори, се судрија со полицијата во близина на домот на премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Масата луѓе се собра уште во раните вечерни часови пред Кнесетот, израелскиот парламент, пред да се упати кон домот на Нетанјаху во градот. Пристигнувајќи пред неговата куќа, дел од демонстрантите се разделија и се обидоа да ги урнат бариерите, полицијата ги одби, а на улицата во еден момент беше запален оган.
Полицијата со водени топови ги растера демонстрантите. Уапсени се девет лица, некои за напад врз полицајци, се наведува во полициското соопштение.
Многумина вееја израелски знамиња, некои носеа транспаренти со кои го критикуваа Нетанјаху и неговото справување со клучните прашања.
„Овде започнува процесот на заздравување на Израел. Откако Бени Ганц и Ајзенкот ја напуштија коалицијата минатата недела, ние го продолжуваме овој процес и се надеваме дека оваа влада наскоро ќе се повлече“, рече демонстрантот Орен Швил.