Германија уапси три лица под сомнение дека шпионирале украински државјанин

Германското обвинителство уапси тројца странски државјани, Украинец, Русин и Ерменец, под сомнение дека шпионирале за неименувана странска тајна служба, објави во петокот Федералното обвинителство.

Станува збор за украинскиот државјанин Роберт А., ерменскиот државјанин Варгес И. и рускиот државјанин Арман С..

Обвинителството соопшти дека допатувале во Германија за странска тајна служба за да соберат информации за Украинец кој престојувал таму. На 19 јуни тие биле во кафуле во Франкфурт каде што требало да биде и Украинецот, се вели во соопштението.

Германија во последните месеци имаше многу случаи на шпионажа. Станува збор за наводен руски план за саботажа на американската воена инфраструктура, вработен на пратеник во Европскиот парламент кој беше осомничен дека шпионирал за Кина и тројца Германци кои наводно и предале чувствителна технологија на Кина.

Германската служба за внатрешна безбедност оваа седмица објави дека Русија наводно сѐ повеќе користи уцени и финансиски стимулации за да регрутира Германци да шпионираат за неа, откако речиси 600 руски дипломати беа протерани од Европа. Меѓутоа, за тоа не се понудени никакви докази и поединости. Русија досега ги негираше германските обвинувања за шпионажа.