Недостигот од авиони може да ја чини германската воздухопловна компанија „Lufthansа“ околу 500 милиони евра годишно, а проблемите со испораката нема да се решат пред крајот на деценијата, изјави извршниот директор Карстен Шпор.
„Lufthansа“ нарача 250 нови авиони од европскиот концерн „Airbus“ и американскиот производител „Boeing“ за модернизирање на флотата, со датуми на испорака до 2029 година.
Сепак, „ниту еден авион не пристигнува навреме“, нагласи Шпор во говорот во прес-клубот во Штутгарт во четвртокот.
Проблемите со испораката „брутално“ ја погодуваат „Lufthansа“ и би можеле да ја чинат околу 500 милиони евра годишно, нагласи тој, без да ја прецизира сумата.
Во меѓувреме, компанијата приземји околу 100 од вкупно 750 авиони за одржување или деактивирање, потсети Шпор.
На крајот на април „Lufthansа“ објави дека во вториот квартал планира да го зголеми капацитетот на околу 92 отсто од нивото пред пандемијата, поскромно од првично планираното, наведувајќи ги како една од причините одложените испораки на авиони.
Претходно оваа седмица „Airbus“ ја намали својата прогноза за испораки оваа година, од 800 на околу 770 авиони, а извештајот се надоврза на проблемите со испораката на делови.
„Boeing“, од друга страна, е под зголемена регулаторна контрола во САД поради серијата инциденти што следеа по приземјувањето на моделот „737 MAX“ во март 2019 година поради две сериозни несреќи со 346 жртви. Авионите потоа беа вратени во употреба, но во март 2022 година, „Boeing 737“ на „China Eastern Airlines“ се урна, при што загинаа 132 луѓе.
Извршниот директор на европскиот „Airbus“, Гијом Фори, кон средината на март изјави дека не се среќни поради техничките проблеми на американскиот конкурент „Boeing“, бидејќи тие го нарушуваат имиџот на целиот сектор.
„Не сум среќен што мојот конкурент има проблеми. Тие не се добри за индустријата како целина. Во нашата индустрија квалитетот и безбедноста се врвни приоритети“, додаде шефот на „Airbus“.