VW штеди со намалени квоти на „Porsche“ за менаџерите

Германскиот автомобилски гигант „Volkswagen“ го ограничи бројот на менаџерите коишто можат да го користат луксузниот спортски автомобил од брендот „Porsche“ за деловни цели, со цел да се заштедат пари, потврди портпаролот.

Само членовите на менаџментот на групацијата „Volkswagen“ и шефовите на „Porsche“ можеа да го изберат овој автомобил како службено возило, објави високотиражниот германски весник Bild.

Регулативата за службените возила беше изменета на почетокот на годината, потврди во неделата за агенцијата DPA портпаролот на концернот. Тој не прецизирал колку компанијата планира да заштеди со оваа мерка.

Според податоците до кои дошла DPA, промената опфаќа околу 200 менаџери на VW. Некои менаџери веќе поднесле тужби до судот за труд во Брауншвајг, во близина на седиштето на „Volkswagen“, за да ја оспорат регулативата.

На крајот од минатата година „Volkswagen“ најави мерки со кои треба да заштеди 10 милијарди евра до 2026 година, вклучувајќи четири милијарди во 2024 година. Компанијата планира да го забрза развојот и производството, да ги намали трошоците за вработените и да ги прилагоди набавките за да биде поефикасна.