Мултиполарниот свет станува реалност

Во услови на брзо менување на глобалниот пејзаж, мултиполарниот светски поредок официјално е тука, рече рускиот претседател Владимир Путин на состанокот на Советот на шефови на држави на Самитот на ШОС (Шангајската организација за соработка), во главниот град на Казахстан Астана.

„Денес, додека светот минува низ брзи и неповратни промени, многу е потребна проактивна позиција на ШОС во меѓународните работи. Мултиполарниот свет е веќе реалност“, посочи тој.

„Убедени сме дека заедно со БРИКС, Шангајската организација за соработка (ШОС) е столб на светскиот поредок во подем. Овие две организации служат како моќна движечка сила зад глобалните развојни процеси и напорите за обезбедување вистинска мултиполарност“, додаде Путин.

Рускиот претседател истакна дека „сè поголем број земји повикуваат на поправеден светски поредок и изразуваат решеност да ги бранат своите легитимни права и традиционални вредности; нови центри на моќ и економски развој се појавуваат и стануваат посилни“.

Според рускиот лидер, иницијативата на ШОС „За глобално единство за праведен свет и хармонија“ означува чекор кон мултиполарност. „Иницијативата е јасно насочена кон развивање мерки на доверба особено на полето на стабилноста и безбедноста, првенствено во нашиот заеднички евроазиски регион“, објасни Путин. „Овие мерки имаат за цел да гарантираат еднакви услови за развој за сите, без оглед на политичките и економските системи на земјите, религиозното и културното потекло“, рече Путин.