Речиси 11 отсто од германските компании нудат четиридневна работна недела

Речиси 11 отсто од германските компании им нудат на своите вработени четиридневна работна недела, се вели во извештајот објавен денеска од Институтот за економски истражувања ИФО од Минхен, спроведен во вториот квартал од оваа година.

Како што се наведува, само два отсто од компаниите во Германија планираат да воведат четиридневна работна недела, 19 отсто разговараат за нејзиното воведување, додека 38 отсто од компаниите не се занимаваат со оваа тема, а 30 отсто тврдат дека ваквото скратување на работната недела е невозможно за нив.

Моделот на четиридневна работна недела е најприфатлив во малите компании со до 50 вработени, каде што го користат 14 проценти од компаниите, а во големите компании со над 500 вработени, овој процент е двојно помал и изнесува седум проценти.