Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, во вторникот на редовниот брифинг со новинарите акредитирани во Кремљ, во врска со понеделничкиот ракетен удар врз детска болница во украинската престолнина Киев со 46 жртви, посочи на објавите од руското Министерство за одбрана дека руските сили не гаѓаат цивилни цели и оти станува збор за пад на противракетен проектил.
„Ве повикувам да се водите од изјавите на Министерството за одбрана на Руската Федерација…. во кое се посочува дека станува збор за пад на противракетен проектил. Ние и натаму инсистираме дека не изведуваме удари врз цивилни цели. Се изведуваат удари против критичната инфраструктура, против воени цели кои на еден или друг начин се поврзани со воениот потенцијал на режимот“, рече Песков.
Руското Министерство за одбрана во понеделникот тврдеше дека не се вистинити обвинувањата за намерен удар врз цивилни цели во Украина. Притоа беше истакнато дека според руската страна смртоносниот удар врз детската болница во Киев при што загинаа најмалку 46 лица а уште околу 160 се ранети, се случил поради пад на проектил од украинската противвоздушна одбрана истрелан од противвоздушен систем лоциран во урбаното подрачје на украинската престолнина.
„Ова не е првпат Киев да се вклучи во такви провокации.. Бројните објавени фотографии и видео снимки од главниот град на соседната земја јасно го потврдуваат фактот на уништување поради падот на украинската ракета лансирана од противвоздушен комплекс во градот“, се нагласува во руското соопштение.
Москва од почетокот на руската инвазика во Украина кон крајот на февруари 2022 година, повеќепати ги обвини украинските власти дека борбените позиции ги поставуваат во или близу чувствителна цивилна инфраструктура како детски градинки, болници, станбени блокови итн. претворајќи ги со тоа во легитимни воени цели и земајќи го сопственото население како „жив штит“.
Руското Министерство за одбрана истакнува дека „слични хистерии на режимот во Киев се случуваат со години и секој пат во пресрет на следниот состанок (самит) на нивните патрони од НАТО“.
Како што изјави првиот заменик постојан претставник на Руската Федерација во Обединетите нации, Дмитриј Полјански, во вторник ќе се одржи состанок на Советот за безбедност на светската организација за Украина. На него Русија ќе ги запознае членките на Советот за безбедност на ОН со факти кои ја побиваат украинската верзија за нападот на Киев.