Судскиот процес кој го покрена фирмата „Пелагонија“ АД Гостивар против општина Центар поради раскинувањето на договорот за изградба на катна гаража на улицата „Мито Хаџивасилев Јасмин“ бб од 2014 година доби разрешница. Апелациониот суд одлучи општината да исплати обештетување од речиси 73 милиони денари.
Дополнително, покрај основниот долг, Општината треба да исплати и камати, со што севкупниот долг ќе се удвои на речиси два милиона евра. Стану збор за правосилна извршна пресуда што може да биде предмет на присилно извршување пред надлежен извршител.
Општината се соочи со блокирање на сметката за истиот предмет уште во 2018 година, а овојпат, како што вели градоначалникот Герасимовски нема да дозволи тоа да се случи.
Тогашното водство на централната скопска општина одлучило дека не е потребна катна гаража и средствата ги пренамениле за изградба на училиштето „Киро Глигоров“. Имајќи во предвид дека постои можност за судска разрешница која ќе биде неповолна за општина Центар,
Градоначалникот Горан Герасимовски ги превзема сите активности со цел буџетот на општината да не биде блокиран, а од друга страна и покрај огромниот износ кој треба да се исплати да не бидат запрени проектите кои се однесуваат на подобрување на животот и секојдневното функционирање на граѓаните на Општина Центар.
„Револтиран сум што после маратонските судски процеси, сето ова заврши на штета на центарци. Тековните проекти што ги спроведува општината не смеат да бидат запрени ниту смее да има застој во работата и услугите што ги даваме на граѓаните. Нема да дозволам сметката на општината да биде блокирана. Мораме до крај да ги спроведеме започнатите проекти како градинката во Пролет, модернизацијата на уличното осветлување, доградбата на Коле Неделковски, реконструкцијата на улиците“, истакна Герасимовски.